Русија ја одобри првата вакцина против ковид-19 на светот наменета исклучиво за животни, објави државната агенција за контрола на безбедноста во земјоделството, која стои зад проектот.
Русија веќе има развиено и одобрено три ковид вакцини за луѓето, од кои најпозната е „Спутник В“, покрај „ЕпиВакКорона“ и „КовиВак“. Името на вакцината за животни е „Карнивак-Ков“.
„Клиничките тестирања на ‘Карнивак-Ков‘ почнаа во октомври и во нив учествуваа кучиња, мачки, арктички лисици, нутрии и други животни. Резултатите покажуваат дека вакцината е безопасна и силно имуногена, откако кај сите вакцинирани животни се развиле антитела“, соопшти агенцијата.
Оттаму додаваат дека имунитетот трае шест месеци, но ова продолжува да се анализира.
„Масовното производство на вакцината ќе почне најрано овој месец. Руските научници сметаат дека оваа вакцина може да спречи развој на мутации“, велат од агенцијата.