ПРОДАЖБИТЕ НА „БЕНТЛИ“ И „ЛАМБОРГИНИ“ ЦУТАТ ВО ПАНДЕМИЈАТА ЗАШТО НА БОГАТИТЕ ИМ Е ДОСАДНО

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Пандемијата се покажа одлично време за купување на многу скапи автомобили.

„Во овој бизнис сум веќе 40 години и никогаш не сум видел вакво нешто“, вели Брајан Милер, претседателот на „Менхетн моторс“, застапник за „Бентли“, „Ламборгини“, „Бугати“ и други суперлуксузни автобрендови во САД.

Иако, севкупно гледано, продажбата на автомобили се намалила како последица на пандемијата, компании како „Бентли“ и „Ламборгини“ имаа извонредна 2020 година, која им беше една од најдобрите во историјата.

„Ова можам да го објаснам само така што на богатите им е здодевно, па бараат скапи автомобили на интернет“, вели Милер.

„Бентли“ лани ја имал најдобрата година во едновековната историја, продавајќи 11.206 автомобили и теренци, околу 100 повеќе во однос на 2019. Кина беше особено голем пазар за „Бентли“, кој таму ги зголемил продажбите за 50%.

Зад „Ламборгини“ е најпрофитабилната година и втора најдобра по продажбите досега. Лани продал 7.430 возила, што е помалку за 9,5% во однос на рекордната 2019.

„Но, последните три месеци од 2020 беа најдобри во историјата на компанијата и веќе се резервирани сите нарачки за првите девет месеци од 2021“, изјави извршниот директор Штефан Винкелман.