60 ГОДИНИ ОД ИСТОРИСКИОТ ЛЕТ НА ГАГАРИН, ВСЕЛЕНАТА ОСТАНУВА РЕТКО ПОДРАЧЈЕ КАДЕ САД И РУСИЈА СОРАБОТУВААТ

Москва, (АФП)

Тројца астронаути, двајца Руси и еден Американец, успешно полетаа денеска од рускиот космодром Бајконур кон Меѓународната вселенска станица (ИСС), со што се одбележа 60-годишнината од историскиот лет на Јури Гагарин. На денешен ден во 1961 година, тој стана првиот човек во вселената, а Советски Сојуз оствари голем пропаганден успех и поведе во вселенската трка со САД, која беше еден од највозбудливите елементи на Студената војна.

Потсетникот на постигнувањето на Гагарин беше насекаде на Бајконур кога Олег Новицки, Пјотр Дубров и Марк Ванде Хеј тргнаа на својата шестмесечна мисија со ракетата „сојуз МС-18“, крстена по легендарниот астронаут. 12 април се одбележува во Русија како Ден на астронаутите.

„Ќе го прославиме заедно и ќе работиме напорно“, изјави Дубров пред неколку дена.

Шест децении по лансирањето на Гагарин, вселенската индустрија е сведок на огромни промени. Минатата година, Русија го изгуби монополот во лансирањето вселенски мисии со човечки екипаж, откако Илон Маск ја активираше својата програма „СпејсЕкс“.

Вселената остана едно од ретките подрачја каде што Русија и САД соработуваат, и покрај постојаните геополитички тензии. Сепак, проектот ИСС, што почна во 2000, треба да биде згаснат до крајот на деценијата.

„Кога почнувавме со вселенските летови, се натпреварувавме меѓусебе и затоа бевме толку успешни. Со тек на време, сфативме дека заедно можеме да постигнеме многу повеќе и се надевам дека тоа ќе продолжи и во иднина“, изјави Ванде Хеј.