НАЈМЛАДИОТ САМОСОЗДАДЕН МИЛИЈАРДЕР НА СВЕТОТ ИМ ПОМАГА НА САМОВОЗЕЧКИТЕ АВТОМОБИЛИ ДА „ГЛЕДААТ“

Њујорк, (Форбс)

Илон Маск добива многу сериозна конкуренција во 26-годишник кого го најавуваат како ново големо име во светот на технологијата.

Остин Расел го напуштил колеџот во 2012 откако добил стипендија од 100.000 долари од милијардерот Питер Тил. Тоа му помогнало на 17 години да ја отвори компанијата „Луминар технолоџис“ и тукушто беше прогласен за најмлад самосоздаден милијардер на светот, влегувајќи во друштвото на Џеф Безос, Марк Закерберг и Бил Гејтс. Тој ја презеде оваа титула од Кајли Џенер, која е три години помлада од него, но „Форбс“ ја отстрани од својата листа на милијардери.

„Луминар технолоџис“ произведува сензори кои помагаат самовозечките автомобили да избегнуваат судири и во декември излезе на берза, што на Расел му донесе богатство од 2,4 милијарди долари.

Расел ги усовршува лидар ласерите, со помош на кои самовозечките автомобили ја „гледаат“ својата околина, така што ласерски зрак се одбива од предметите што се пред него. „Волво“, „Тојота“ и „Дајмлер“ веќе станаа негови муштерии.

Расел ги избегнува социјалните медиуми, па го нема ни на Твитер, ни на Инстаграм, што, како што вели, му дава целосна ментална слобода да се фокусира на работата.

Севкупно, Расел е петтиот најмлад милијардер на светот, но оние што се пред него на листата, на чело со 18-годишниот Кевин Дејвид Леман, го наследиле своето богатство.