МЕСИ ДОНИРАЛ ТРИ ДРЕСА ВО ЗАМЕНА ЗА 50.000 КИНЕСКИ ВАКЦИНИ ЗА ФУДБАЛЕРИТЕ ВО ЈУЖНА АМЕРИКА

Буенос Аирес, (Гардијан)

Лео Меси помогнал да се обезбедат 50.000 кинески вакцини против ковид-19, во амбициозен план да се вакцинираат сите јужноамерикански фудбалери во пресрет на Копа Америка, што ќе се одржи ова лето. Договорот со кинеската фармацевтска компанија „Синовак“ бил обезбеден откако Меси донирал три свои потпишани дреса од Барселона, а посредник бил претседателот на Уругвај, Луис Ласале Поу.

„Директорите на ‘Синовак‘ се големи фанови на Меси, кој со задоволство ни испрати три дреса за нив“, изјави претставникот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација, Гонсало Белосо.

Дел од вакцините ќе ги добијат 26-те клубови од првата фудбалска лига на Аргентина.

„Целта е да ги имунизираме сите играчи од првата лига. Секој од нив би можел да игра на Копа Америка“, изјави Белосо.

Сепак, аргентинската влада прво ќе мора да ги одобри вакцините на „Синовак“ за да можат да се користат.

Копа Америка ќе се одржи од 13 јуни до 10 јули во Аргентина и Колумбија.