Луксузниот моден бренд „Луј Витон“ пушти во продажба машка чанта во облик на авион, чија цена е 39.000 долари. Таа е дел од колекцијата есен/зима 2021 и првпат беше претставена на ревија во Париз во јануари.

Нејзиниот дизајнер е креативниот директор на „Луј Витон“, Вирџил Абло.

„За тие пари може да се купи вистински авион“, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи, каде што многумина ја исмеваат цената на чантата.

Чантата е моделирана според американскиот воен транспортен авион „Ц-130-Херкулес“. Американските медиуми забележуваат дека чантата чини колку половина од годишната плата на воен пилот.