Какви сличности има град во источна Украина со Њујорк? Апсолутно никакви, нема ни облакодери, ни жолти таксија, ни славни музеи. Сепак, тоа не ги спречи жителите на Новгородске во близина на Донецк во обидот да го променат името на градот во Њујорк.
Промената веќе била одобрена од парламентарен комитет, но последниот збор ќе го имаат пратениците.
Новгородске бил основан од германски доселеници и првпат се појавил на мапа во 1846 под името Њујорк. Германците целосно ја напуштиле областа по Втората светска војна, а градот во 1951 година станал Новгородске.
„Не знаеме зошто името било променето, но веројатно има врска со политичката ситуација за време на Студената војна. Градот веќе не можел да остане Њујорк“, вели локалната професорка Надија Гордјук.
Новгородске станал просперитетен индустриски град и продолжил да расте до распадот на Советски Сојуз. Три децении подоцна, градот е во очајна состојба, откако пропаднале сите фабрики освен една, а сега во близина е и првата линија на фронтот од војната во која досега загинале 13.000 луѓе.
Жителите се надеваат дека враќањето на изворното име може да биде нов почеток за градот и ќе привлекува туристи. Во градот сѐ уште постојат неколку згради од времето на германските населеници. Неодамна беше довршен нов културен центар, кој ќе служи и како музеј.