Тамара Тодевска, Кристина Арнаудова и групите „Некс тајм“ и „Ај Кју“ ќе ги забавуваат скопјани на новогодишната прослава, организирана од Општина Центар на сквер Јадран.
Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека парите за новогодишната програма се обезбедени од спонзори и фирми, а прославата ќе има и хуманитарен карактер.
„Под мотото ‘Нова година – нови насмевки‘, на 30 и 31 декември на сквер Јадран,
Општина Центар ќе понуди богата програма за децата, повозрасните и младите. Среќен сум како градоначалник што успеавме со донации да обезбедиме богата програма за сите жители од седум до 77 години. Прославата ќе има хуманитарен карактер. Затоа, ги повикувам сите, во убава атмосфера да си посакаме среќа и радост во новата 2018 година, но и да ја покажеме својата хуманост, донирајќи за 16-годишно момче, кому му треба итна операција за пресадување на коскена срцевина во Италија“, рече градоначалникот Богдановиќ.
Во 12 часот, на 30 декември е предвидена детска програма, а од 16 часот, „Улица Новогодишни желби број 2018’“ ќе биде место на потсетување на добро познатото скопско корзо. Од 20 часот започнува музичката програма со диџеј Гоце Саф, ТХЦФ од Белград и со диџеј Страјк.
На 31 декември, во 12 часот ќе биде организиран новогодишен турнир во шах, а од 21 часот започнува забавата со „Некст Тајм“, „Ај Кју“, Тамара и со Кристина Арнаудова.
А. АНТЕВСКА