Стаклен лифт ќе биде нова атракција на еден од највисоките облакодери во Њујорк, кулата „Уан Вандербилт“. Од октомври, посетителите ќе можат да се возат во целосно застаклен надворешен лифт до висина од 369 метри.
Оние кои бараат поголем адреналин ќе можат да влезат во Левитејшн, серија стаклени кутии кои излегуваат од кулата и им овозможуваат на посетителите да стојат 324 метри над авенијата Медисон.
Лифтот и Левитејшн ќе бидат дел од „Самит Уан Вандербилт“, простор кој ги зафаќа последните четири спрата од кулата, кој ќе содржи и кафуле, бар, палуба за набљудување и она што е наречено „највисока урбана алпска ливада на светот“. Со 427 метри висина, „Уан Вандербилт“ е четврти највисок облакодер во Њујорк и во негова изградба се вложени 3,3 милијарди долари.
„Создадовме дестинација која нуди интерактивно искуство кое ќе се памети доживотно, благодарение на неверојатните погледи на Њујорк“, изјави Марк Холидеј, директорот на групацијата „СЛ Грин“.