ГЕРМАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ОДОБРИ НОЌНИТЕ КЛУБОВИ ДА ДОБИЈАТ СТАТУС НА КУЛТУРНИ УСТАНОВИ

Берлин, (ДПА)

Откако предлогот да се промени статусот на ноќните клубови доби поддршка од парламентот, Германија е на прагот да добие нови културни институции. Тоа значи дека овие места ќе бидат израмнети со театрите, оперските куќи и музеите.

Потврдувајќи дека тие спаѓаат во култура, Бундестаг неодамна едногласно усвои резолуција со која побара од сојузната влада да ги прогласи ноќните клубови за места од културно значење. Тие моментално се сметаат за места за забава, со што се изедначени со казината и борделите.

„На овој начин ги потврдуваме и оддаваме почит на остварувањата на операторите, уметниците, вработените и фриленсерите од оваа гранка“, соопшти парламентот, додавајќи дека клубовите ќе добијат и даночни олеснувања.

Ова претставува триумф на 15-месечната кампања на Live Music Kommission, организација која обединува сопственици на ноќни клубови и поддржувачи, која силно лобираше да се спречи смртта на клубовите.

Оттаму додаваат дека пред пандемијата, берлинската ноќна сцена привлекувала три милиони туристи годишно, што носело приход од 1,5 милијарди евра за локалната економија.