БАРЛЕ – ГРАД КОЈ СЕ НАОЃА И ВО БЕЛГИЈА И ХОЛАНДИЈА, А ГРАНИЦАТА ПОМИНУВА НИЗ КУЌИ И ПАРКОВИ

Барле, (Дојче веле)

Куќи од црвена цигла, штали со големи порти, уредени улиц, Барле на прв поглед не се разликува од останатите градови што се наоѓаат долж холандско-белгиската граница.

Но, Барле, сепак, е посебен. Тоа е единственото место каде што можете да подготвите појадок во една држава, а да го јадете во друга. Барле се наоѓа и во Белгија и во Холандија, зашто државната граница поминува низ самиот град. И не само тоа: таа поминува преку приватни домови, ресторани, кафулиња, уметнички установи. Точната локација на границата низ градот е означена со бели крстови, кои се обележје на Барле.

Историјата на овој бизарен географски феномен датира од Среден век, кога имотите биле поделени помеѓу аристократски семејства.

Барле има две имиња и двајца градоначалници (Фото: Дојче веле)

Откако Белгија прогласила независност од Холандија во 1830 година, станало неопходно да се прецизира границата меѓу двете земји. Кога геодетите стигнале до Барле, тие едноставно го прескокнале, оставајќи граничните проблеми да се решат подоцна. И така останало цели 165 години. Во 1995 се формираа две општини: Барле Хертог во Белгија и Барле Насау во Холандија.

Воспоставувањето на државната граница не ја поедноставило ситуацијата во Барле. Напротив, многу улици, паркови, паркинзи, продавници, галерии, па дури и домови се дел во Белгија, а дел во Холандија. За да се избегнат правни спорови, националноста на жителите се определува според предната врата на нивната куќа.

Во Барле сè е двојно: две имиња на градот, двајца градоначалници, две општински управи, две пошти, но има единствен комитет за полесно управување со градот.