ТАНЦ ФЕСТ ПОЧНУВА СО СЛОВЕНЕЦОТ КРАЈНЧАН И ПРЕМИЕРА НА ДАНЧЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Под мотото „Украдени движења“, вечерва во 21 часот на отворената сцена во Домот на АРМ почнува 17. Танц фест Скопје. Фестивалот ќе го отвори словенечкиот танчар и кореограф Жиган Крајнчан со неговиот најнов проект насловен „Fusion with myself“, во продукција на „ЕГЗОДОС“ од Љубљана.

Во 22 часот е премиерата на „Не ми ги допирај очите“ на кореографката и танчaрка Адријана Данчевска. Кореографијата ќе биде во изведба на Дејан Битровски и Данчевска, која е задолжена и за костимите, додека музиката е на „Артефакт“ и „Гордан Спасовски трио“.

„’Не ми ги допирај очите’ се поистоветува со човекот во Македонија, го слави животот, убавото во едноставното и гневот на постоењето. Преку оваа претстава, Данчевска испраќа моќна порака, храбро задирајќи во подлабоките слоеви на општествената филозофија со идејата ‘следете политика и главите кон сонцето’“, вели уметничката директорка на фестивалот, Рисима Рисимкин.

Утрешната вечер на Танц фест, од 21 часот, е посветена на студентите и дипломците при Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“.