БАЈДЕН Е 13. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД КОЈ ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА

Лондон, (АП)

Замислете да треба да импресионирате некого кој ги запознал речиси сите. Таков предизвик ќе има Џо Бајден кога в недела во замокот Виндзор ќе пие чај со кралицата Елизабета Втора.

Бајден ќе биде 13. американски претседател кој ќе се сретне со 93-годишната кралица. Белата куќа кажа дека тие веќе се запознале во 1982 година, кога Бајден беше американски сенатор.

Со Џон Кенеди во 1961 (Фото: АП)

Во текот на своето речиси седумдецениско владеење, кралицата се сретна со сите американски претседатели од Двајт Ајзенхауер наваму, со исклучок на Линдон Џонсон, кој не ја посети Велика Британија во својот мандат.

Таа беше 35-годишна принцеза кога дојде во Вашингтон во 1951 и престојуваше кај претседателот Хари Труман и неговото семејство во куќата Блер, каде што тој живееше додека Белата куќа се реновираше. Кралицата се запозна и со Херберт Хувер во 1957, повеќе од 20 години откако тој излезе од Белата куќа.

Претходникот на Бајден, Доналд Трамп, беше гостин на кралицата во 2018, кога беше критикуван за кршење на протоколот, откако за кратко одеше пред неа, свртувајќи ѝ го грбот.