ВРЕДНОСТА НА „КОКА КОЛА“ ПАДНА ЗА ЧЕТИРИ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ОТКАКО РОНАЛДО ПОВИКА ДА СЕ ПИЕ ВОДА

Будимпешта, (АП)

Пазарната вредност на „Кока кола“ падна за четири милијарди долари откако Кристијано Роналдо отстрани две шишиња од овој пијалак за време на прес-конференцијата пред мечот со Унгарија на Европското првенство.

Капитенот на Португалија, кој е познат како фанатик за здрав живот, ги тргна „кока колите“ ставени на масата пред него и јавно порача да се пие вода.

Вредноста на акциите на „Кока кола“ набргу потоа падна од 56,10 на 55,22 долари, односно за 1,6%. Во пари, тоа значеше намалување на пазарната вредност на брендот од 242 на 238 милијарди долари.

„Секој има право да пие што сака“, соопшти „Кока кола“, која е еден од спонзорите на ЕП.

Роналдо вчера даде два гола против Унгарија и стана најдобриот стрелец во историјата на европските првенства со 11 погодоци.