Кристијано Роналдо додаде уште едно значајно постигнување во својата кариера откако реализираше два пенала против Франција на Европското првенство. На тој начин стигна до бројката од 109 постигнати голови на 178 мечеви за репрезентацијата на Португалија, израмнувајќи го светскиот рекорд на Иранецот Али Даеи.
Истовремено го надмина учинокот на Мирослав Клозе од 19 погодоци на светските и европските првенства. Против Унгарија на 15 јуни, Роналдо стана и најдобриот стрелец во историјата на европските првенства, што во меѓувреме го зголеми на 13 гола.
Роналдо дебитираше во дресот на Португалија во 2003, додека Даеи своите 109 гола ги постигна за пократок период, од 1993 до 2006. Сепак, критичарите истакнуваат дека Даеи ја збогатувал својата статистика против далеку послаби противници: 95 од неговите голови се дадени против азиски селекции, вклучувајќи осум против Малдиви и Лаос и шест против Либан.
Останува дилемата кој е зад нив на третото место: Моктар Дахари, кој играше во 1970-ите и 1980-ите, има 89 гола за Малезија, но оваа бројка не е официјално потврдена. Ференц Пушкаш постигна 84 гола на 85 натпревари за Унгарија.
Вклучувајќи го и женскиот фудбал, апсолутниот рекорд го држи Кристин Синклер со 186 голови и 299 натпревари за репрезентацијата на Канада, за која и натаму игра на 38 години.
Сите голови на Роналдо за Португалија:
- 31 во квалификации за ЕП
- 31 во квалификации за СП
- 19 на пријателски натпревари
- 13 на европски првенства
- 7 на светски првенства
- 5 во Лига на нации на УЕФА
- 2 на Куп на конфедерации