Највисокиот хотел на светот, со ресторан на 120. спрат, се отвори во Шангај за оние со подлабоки џебови и без страв од височини.
„Ј Хотел“ располага со 165 луксузни соби, кои ги зафаќаат последните од 128-те спратови на кулата „Шангај“, висока 632 метри. Таа е втората највисока зграда на светот, зад Бурџ калифа во Дубаи, а до хотелот се стигнува со лифт кој се движи со брзина од 18 метри во секунда.
Хотелот се отвори со мало одложување поради пандемијата, но сега е спремен да ги прими гостите кои на услуга ќе имаат посветен личен батлер 24 часа на ден. Гостите ќе имаат на располагање и седум ресторани, барови, спа и базен на 84. спрат.
Сето ова не е евтино. За да го одбележи отворањето, хотелот нудеше ноќевања за 450 долари, но за престој во најскапиот од 34-те апартмани ќе мора да се издвои 10.380 долари.