НОРВЕШКИОТ ТРКАЧ ВАРХОЛМ СОБОРИ СВЕТСКИ РЕКОРД ПОСТАВЕН ПРЕД ДА СЕ РОДИ

Осло, (Би-Би-Си)

Норвежанецот Карстен Вархолм истрча 46,70 секунди на 400 метри со пречки на митингот во Осло, соборувајќи го најстариот рекорд во машките тркачки дисциплини. Рекордот досега беше во сопственост на Кевин Јанг, а важеше од Олимписките игри во Барселона во 1992. Вархолм го подобри за осум стотинки.

„Ова беше совршен момент. Сите зборуваат за овој светски рекорд кој стоеше толку долго време. Всушност, тој беше постар и од мене“, изјави 25-годишниот Вархолм.

Тој е светски шампион во оваа дисциплина од 2017 и 2019 година, а во меѓувреме се закити и со европско злато.

„Можеби ќе има нов светски рекорд на Олимписките игри во Токио“, најави Вархолм.

Најстариот рекорд во машкото трчање сега е во штафетата 4х400 метри, кој датира од 1993.