Класичен „мерцедес“, во кој своевремено се возел Адолф Хитлер, ќе се продава на аукција во јануари, а парите ќе бидат дадени во фондации кои едуцираат за Холокаустот.
„Мерцедес-Бенц 770К грос опен турер“ од 1939 година бил користен од Хитлер на раскошните нацистички паради, пред да биде запленет од сојузничките сили.
Автомобилот бил направен по специјална нарачка од самиот Хитлер, кој го користел при посетите на државници од пријателски земји. Тој првпат бил виден во јавност во октомври 1939 година, а потоа и во парадата во 1940 година, во чест на италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини.
Бидејќи бил наменет да превезува светски лидери, на автомобилот се додадени и низа безбедносни мерки, како 30 милиметри дебелото ветробранско стакло отпорно на куршуми.
По завршувањето на војната, „мерцедесот“ бил запленет од американската војска и предаден на користење на командата на воената полиција, стационирана во францускиот град Л‘Авр. Тој потоа бил однесен во САД, смени неколку сопственици, пред да биде продаден во Европа во 2004 година.
Погонет од 7,7-литарски осумцилиндричен мотор, тој можел да постигне максимална брзина од 106 километри на час.
„Со ова возило не сакаме да го величиме Хитлер. Напротив, ова е еден неверојатен автомобил, направен од талентирани луѓе и врв на автозанаетчиството“, вели историчарот Лудвиг Коше.