Безвременските хитови на „Архангел“ вечерва ќе можат да се слушнат во едно поинакво издание, на отворениот настан во Градски парк во Скопје, на кој фронтменот Ристо Вртев ќе пее во придружба на Филхармонијата. Со ова продолжува традицијата на манифестацијата „Филхармонијата на отворено“, која лани беше прекината поради пандемијата на коронавирусот, а со која му се оддава почит на Скопје, на денот кога доживеа катастрофален земјотрес.
Концертот почнува во 21 часот, а со оркестарот ќе диригира Џијан Емин, кој ги направи и новите аранжмани за песните на „Архангел“.
„Не му се мешав на Џијан во изборот на песните“, кажа Вртев.
Емин не откри ништо за вечерашниот репертоар и однапред им се извини на фановите ако не слушнат некоја од нивните омилени песни.
„Иако ќе бидам дел од изведбата, јас, пред сè, сум фан на ‘Архангел‘ и затоа ќе биде големо уживање за мене“, рече Емин.
Г. КОНЕВ