ПРАЗНИЧНИОТ ВИКЕНД ВО ОХРИД СО ДВА ФЕСТИВАЛА – АЛАРМ СО ДОМАШНА МУЗИКА, ОХРИД КОЛИНГ СО АКТУЕЛНИ СВЕТСКИ ДИЏЕИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Охрид ќе има разновидна фестивалска понуда овој продолжен празничен викенд: на стадионот „Билјанини извори“ од денеска се одржува Аларм фест, кој се фокусира исклучиво на домашната музика, додека Охрид колинг ќе биде тридневна забава со некои од најактуелните светски диџеи во моментов.

Најголемото име на Аларм фест ќе биде „Леб и сол“, чиј концерт е најавен за 2 август, а под мотото „Македонија сака/има музика“ ќе настапат и „Суперхикс“, „Хардфејсд“, „Ареа“, „Паркети“, „ДНК“, ЛД Пистолеро, Галоски…

Организаторите велат дека од секоја купена карта ќе донираат средства за здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет”.

Охрид колинг е во организација на „Авалон продукција“ и вкупно 13 музичари, главно диџеи, ќе настапат во охридската касарна. Дел од учесниците се најавуваат како големи хитмејкери и некои од најактуелни имиња на светската денс сцена, како австралиското женско дуо „Нерво“, „Винаи“, Регард, „Офенбах“, „Диџејс фром Марс“…