Вечерва во 21 часот, со премиерата на тричасовната претстава „Орестија“ започнува фестивалот на античка драма „Стоби“, копродукција на Велешки театар и Националната опера и балет. „Орестија“ на Есхил првпат се поставува во земјава, а претставата ја подготвуваа четворица режисери (Александар Ивановски, Ненад Витанов, Софија Ристевска-Петрушева и Дејан Дамјановски), две кореографки (Олга Панго и Саша Евтимова) и тројца композитори (Калиопи Букле, Енес Беговски и Сашко Костов).
„Претставата е изградена од четири претстави, оригиналните три трагедии, кои ја чинат трилогијата и сатирската игра, која била изгубена. За потребите на оваа продукција е реконструирана. Ја обновивме според нацртите кои ги имавме и таа ги поврзува трите трагедии во една целина“, кажа Сашо Димоски, директорот на Велешки театар.
Во претставата учествуваат дел од хорот и дел од балетскиот ансамбл на НОБ, како и дел од актерите на Велешки театар.
„Се вклучивме во проектот, иако драмата не ни е основната форма на изразување. Решивме да влеземе во експеримент и заедно со Велешки театар да создадеме маркантно уметничко дело“, кажа Евица Тасеска-Каранфилова, програмска директорка на НОБ.
„Орестија“ ќе се одигра во локалитетот Стоби на просторот на Теодосијанската палата, со присуство на 200 гледачи. Амфитеатарот и оваа година се реконструира, па заради безбедноста на гледачите, пронајден е алтернативен простор за да биде изведена.
П. ПЕЧКОВ