ДОНЧИЌ ВО СЛОВЕНИЈА ЌЕ ПОТПИШЕ НОВ ДОГОВОР СО ДАЛАС ВРЕДЕН 207 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Љубљана, (АП)

Словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ се согласи да го продолжи договорот со Далас Маверикс за 207 милиони долари. Дваесет и двегодишниот Дончиќ брзо се промовираше во идно заштитно лице на НБА лигата и откако веќе двапати беше избран во најдобрата петорка, тој се здоби со правото да биде првиот играч кој ќе добие максимално продолжување на дебитантскиот договор.

Договорот ќе биде потпишан денеска и за таа цел, во Словенија пристигнаа газдата на Далас, милијардерот Марк Кјубан, генералниот менаџер Нико Харисон, тренерот Џејсон Кид и специјалниот советник Дирк Новицки.

„Денеска ми се остварува сонот. Кошарката ми даде многу и ме однесе на неверојатни места. Возбуден сум што ќе останам дел од семејството Маверикс“, изјави Дончиќ пред потпишувањето на петгодишниот договор.

Откако во 2018 стана најмладиот МВП во историјата на Евролигата, тој беше избран како трет пик на драфтот. Во сезоната 2018/19 беше прогласен за најдобар дебитант во НБА, а во последните две сезони беше дел од најдобрата петорка. Со Словенија беше европски првак и неодамна ја предводеше до четвртото место на Олимписките игри во Токио.