КОРЕОГРАФОТ ИГОР КИРОВ СЕ ВРАЌА НА ШТИПСКАТА ТЕАТАРСКА СЦЕНА ПО 30 ГОДИНИ СО ПРЕТСТАВАТА „ЕДИП КОМЕНТАРИ“

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 21 часот, во големата сала на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип премиерно ќе се изведе претставата „Едип коментари“, по мотиви на „Цар Едип“ од Софокле.

„Овој проект го подготвувавме четири години. Требаше да се реализира пред две години, но пандемијата нè спречи, па решивме под сите протоколи да го сториме тоа оваа година“, рече режисерката Драгана Милошевска-Попова.

Кореографот Игор Киров се обиде да внесе нови современи елементи со постојани сценски движења, што го прави петчлената актерска екипа Ефтим Трајчов Ѓаурски, кој го игра Едип, Анѓелка Нашкова (Антигона), Пеце Ристевски (Креонт), Марија Минчева-Андонов (Јокаста) и Милорад Ангелов (Тирезиј).

„Можам слободно да заклучам дека ваква претстава досега не е изведена на овие простори и сигурен сум дека ќе биде прифатена од театарската публика во повеќе земји“, вели Киров.

Тој се враќа на сцената во Штип по 30 години, откако претходно работел на сценски и балетски аранжмани за повеќе светски компании, а неколку години бил и директор на Хрватски народен театар во Сплит.

Т. ЈОВАНОВСКИ