ОТКАКО СТАНА ДЕДО, БИЛИ АЈДОЛ СЕ ВРАЌА СО НОВА МУЗИКА ПО СЕДУМ ГОДИНИ ПАУЗА

Лондон, (Ролинг стоун)

Англискиот рокер Били Ајдол објави нова музика по седум години пауза и прва откако стана дедо. „Bitter Taste“ е најава на миниалбумот „The Roadside“, кој содржи четири песни и ќе излезе на 17 септември.

Во песната „Bitter Taste“, на која свири и неговиот долгогодишен гитарист Стив Стивенс, Ајдол се навраќа на тешката мотоциклистичка несреќа од 1990, по која не можел да оди речиси една година.

Ајдол со едногодишната внука Попи Ребел (Фото: Пипл)

„Мислам дека сите малку се осврнавме на минатото за време на пандемијата. Таа несреќа ми беше повик за будење, по која го оставив непослушниот младешки Били зад себе и станав попосветен татко и почувствителен музичар“, вели 65-годишниот Ајдол.

Тој признава дека животот дополнително му се променил откако лани стана дедо. Мајката на Попи Ребел е неговата 31-годишна ќерка Бони Броуд.

„Откако се роди Попи, станав уште поемотивен. Сè е ново искуство за неа и на некој начин, и самиот повторно ги проживувам тие искуства“, вели Ајдол.