Каби Ламе останал без работа во фабрика на почетокот на пандемијата на коронавирусот, а година и пол подоцна има 100 милиони следбеници на социјалната мрежа ТикТок. Дваесет и едногодишниот Ламе се прослави со видеа во кои што не ни зборува.
Ламе потекнува од Сенегал, од каде што со семејството дошол во италијанскиот град Кјавасо во близина на Торино кога имал само една година. Откако останал без работа, тој почнал да го поминува слободното време на ТикТок и неговите смешни видеа многу брзо станаа вирални.
Во своите видеа, Ламе ги исмева непотребните животни трикови и вештини што ги промовираат други инфлуенсери и укажува на нивната апсурдност, покажувајќи дека тие работи можат да се направат на многу поедноставен начин. Сето тоа го прави со ист израз на лицето и без да каже збор.
„Мислам дека мојот успех многу се должи на тоа што не зборувам. Мојот јазик е глобален“, изјави Ламе за „Њујорк тајмс“, додавајќи дека е особено популарен во Бразил и цела Јужна Америка.
Денес, тој е првата личност од Европа која стигнала до бројката од 100 милиони следбеници на ТикТок, а втора на светот, по Американката Чарли Д‘Амелио, која моментално има 122 милиони.