„Нема да биде крај на светот“ од Аднан Лугониќ, во режија на Нина Николиќ е најновиот проект што се подготвува во Македонскиот народен театар (МНТ). Проектот е во продукција на „Перипетија“ во копродукција со МНТ и Сараевски ратни театар — САРТР од Сараево (Босна и Херцеговина).
Оваа драма и оваа претстава се занимаваат со рушењето на интимните светови, најавува МНТ.
„Сите три лика (Дарја Ризова како Маша, таткото – Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ во улогата на Нина) од оваа драма под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други“, вели МНТ.
Костимографка е Ивана Каранфиловска-Угуровска, а сценограф е Ангел Петровски.
Изборот на музиката и адаптацијата е на Оливер Митковски, во претставата се користи и композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски, а како соработник за македонски јазик се потпишува Ѓорѓи Јолевски.
Претставата ќе има две премиерни изведби во двете земји. Првата премиера е на 18 септември на сцената на САРТР – Сараево, БиХ, а втората премиера е предвидена за ноември во МНТ.