ДАНЕЦОТ ИНГЕЛС Е ДИЗАЈНЕР НА НОВИОТ ГРАД ВО САД – ТЕЛОСА

Лос Анџелес, (Дезин)

Славниот дански архитект Бјарке Ингелс дизајнира нов град во САД, кој до 2040 би го населиле пет милиони луѓе. Идејата е на претприемачот Марк Лоре, градот е наречен Телоса, а треба да се изгради во една пустина во САД.

Од архитектонското студио на Ингелс, БИГ, најавуваат дека е планирано да се изгради на површина од 150.00 хектари во западниот дел од САД.

Од БИГ велат дека нивната визија е да се изгради нов град, кој ќе постави глобален стандард во урбаното живеење, ќе го прошири човечкиот потенцијал и ќе стане нацрт-план за идните генерации. Градот ќе биде со густина од околу 33 луѓе на хектар, во голема мера слична како во Сан Франциско. Во центарот на градот ќе има кула за набљудување наречена Еквитизам, која ќе биде опкружена со серија високи згради.

Целта е да биде еколошки најодржливиот град во светот. Ингелс исто така изработува и голем план за целата планета, „за да докаже дека одржливоста на човечкото присутво на Земјата е возможно со постоечките технологии.“