Во Ликовниот салон во неговиот роден Велес е отворена изложба на фотографии и документи за атлетичарот Мемо Сулејманов (1926-1984), македонски рекордер на долги патеки. Претставениот материјал, сопственост на Музејот на Македонија, сведочи за неговите успеси во маратонското трчање.
„Ќе останат запаметени неговите настапи на атлетските патеки, македонски рекорди и настојувања и залагања во промовирањето на атлетиката“, рече на отворањето Марин Клифов, директорот на Народен музеј, кој е организатор на изложбата.
Автор на изложбата е Драган Ѓорев, кустос советник во Музејот на Македонија.
Изложбата сведочи за Мемо Сулејманов, кој е малку познат во јавноста, но со неговите настапи и работа важи за основоположник на маратонското трчање во Македонија.
Роден во Велес во сиромашно ромско семејство, Сулејманов пред Втората светска војна продавал весници на градските улици. Во септември 1944 заминал во партизани. На меѓународниот митинг на стадионот на ЈНА во Белград во 1949 бил бурно поздравен од гледачите, кои мислеле дека е тркач од Африка. Поради тоа, подоцна бил нарекуван Африканецот.
П. ПЕЧКОВ