МАКФЕСТ И ОВАА ГОДИНА НА ОТВОРЕНО, ГРУПАТА „ИНТЕРВАЛИ“ ЌЕ НАСТАПИ ПО 10. ПАТ

Штип. (СМАРТ СДК.МК)

Годинашниов, 36. Макфест ќе се одржи на отворено, исто како и лани, со мерки и протоколи за заштита од ковид-19. На првата фестивалска вечер, утре ќе настапат 12 млади изведувачи, сите дебитанти.

Петте прворангирани ќе обезбедат настап и на втората вечер, која ќе содржи вкупно 18 композиции. На втората вечер на 18 септември ќе настапат и попознати музички имиња, како Ѓоко Танески, Роберт Билбилов, Александра Јанева и групата „Интервали“, за која ова ќе биде десетто учество на Макфест.

„Првпат имаме ваква форма. Првата фестивалска вечер ќе биде еден вид квалификациска, па петте најдобри композиции ќе им се придружат на 13-те што се предвидени за втората вечер, кога ќе настапат и пејачи кои победуваа минатите години“, вели уметничкиот директор на фестивалот Владимир Дојчиновски.

Општина Штип, која е покровител на фестивалот, го објави наградниот фонд. Најдобрата композиција ќе добие 5.000 евра, втората 3.000, а третопласираната 1.000 евра. По 500 евра се наменети за најдобар дебитант и за најдобар сценски настап.

Т. ЈОВАНОВСКИ