КАМЕНИТЕ РЕЗБИ НА КАМИЛИ ВО САУДИСКА АРАБИЈА СЕ НАЈСТАРИОТ ПРИМЕР НА ТАКВА УМЕТНОСТ НА СВЕТОТ

Ријад, (Би-Би-Си)

Скулптурите на камили врежани во карпи во Саудиска Арабија се веројатно најстариот пример на ваква уметност на светот, велат нови научни сознанија.

Кога резбите првпат беа откриени во 2018, истражувачите проценуваа дека се создадени пред околу 2.000 години, што се базираше врз сличните резби во славниот древен град во Јордан, Петра. Новите истражувања утврдија дека скулптурите на камили во природна големина се стари меѓу 7.000 и 8.000 години.

(Фото: АФП)

Точното утврдување на староста на камени скулптури е предизвик за истражувачите. Тие ги проценуваа моделите на ерозија, ги анализираа трагите од алатки и ги тестираа животинските коски пронајдени на локацијата за да утврдат кога биле направени скулптурите.

На крајот заклучиле дека се постари од древни обележја како Стоунхенџ (5.000 години) и пирамидите во Гиза (4.500 години). Тие дури се постари од припитомувањето камили, што бил катализатор за економскиот развој на регионот.