ДУШАН ДУДА ИВКОВИЌ – РОДНИНА НА ТЕСЛА КОЈ ГО СОЗДАДЕ БЕЛИОТ КОШАРКАРСКИ ДРИМ ТИМ

Белград, Блиц)
epa03215281 Olympiacos' coach Dusan Ivkovic of Serbia during the Euroleague Final Four semi final match between FC Barcelona Regal and Olympiacos at Sinan Erdem Arena in Istanbul, Turkey 11 May 2012. EPA/TOLGA BOZOGLU

Душан Дуда Ивковиќ, еден од најуспешните тренери во историјата на кошарката, почина денеска на 78 години. Ивковиќ го посвети својот живот на кошарката, ги освои сите можни трофеи на клупски и репрезентативен план и неговиот авторитет беше толку голем што го враќаа на клупата и кога веќе беше во пензија.

„На кошарката никогаш нема и не можам да ѝ кажам збогум. Таа и тренерската професија не беа дел од мојот живот, туку мој живот. На кошарката ѝ дадов сè, а таа го обликуваше мојот живот на најубав можен начин“, изјави Ивковиќ своевремено.

Роден во Белград, Ивковиќ во една прилика откри дека е роднина на Никола Тесла.

„Со Тесла сме роднини по мајчина страна. Мојот прадедо Тривун и мајката на Тесла, Ѓука, се брат и сестра“, кажа Ивковиќ.

Тренерската кариера ја почна во 1971 во матичниот клуб Раднички, а првите успеси ги забележа на клупата на Партизан. Паралелно го градеше својот углед во репрезентацијата, прво во младите категории.

Селектор на А-тимот стана во 1987 и истата година го освои првото злато, на Универзијадата во Загреб. Тогаш почна да ја гради екипата која некои ја нарекуваа „белиот дрим тим“, зашто имаше потенцијал да се носи со големите НБА ѕвезди. Селекцијата чиј дел беа Петровиќ, Ѓорѓевиќ, Кукоч, Раѓа, Дивац, Здовц, Паспаљ… освои три злата по ред (ЕП 1989, СП 1990 и ЕП 1991), пред да се случи распадот на Југославија. Ивковиќ призна дека најболниот момент во кариерата му била политичката одлука да се забрани настапот на СР Југославија на ОИ 1992 во Барселона.

Тој потоа учествуваше во освојувањето на уште неколку медали, било како селектор, било како помошник и советник. Во пензија и официјално замина во 2016.