Режисерот Коле Ангеловски почна со пробите во Драмски театар за претставата „Птица со главата меѓу нозе“, по негов текст. Играат Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ-Пановска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Ташевски, Калина Наумовска и Благица Димитровска. Сценографијата е на Илина Ангеловска.
Ангеловски вели дека новата претстава е чудна комедија со среќен крај.
„Птицата е симбол на слобода. Може да лета каде сака. За неа не постојат граници и ограничувања. Но, ако главата ѝ е меѓу нозе, таа лета ниско. ‘Птица со главата меѓу нозе’ не е класична комедија, нема изневерени мажи и напуштени жени, нема брканици и смешни ликови. Ова е приказна за она што ни се случува денес во Македонија. Приказна за тоа како било, а како е денес. За тоа како луѓето се однесуваат во чудни и сериозни ситуации, а сето тоа гледано од еден позитивен и комичен агол“, најавува режисерот.
Премиерата е планирана за ноември.