МОДЕРНИОТ БАЛЕТ НА САША ЕВТИМОВА „ЛА, ЛА, ЛА“ ВЕЧЕРВА ВО НОБ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кореодрамата на Саша Евтимова, „Ла, ла, ла“, е прва претстава од новата сезона во Националната опера и балет (НОБ), а официјалното отворање е закажано за 30 октомври со премиерата на операта „Палјачи“.

Модерниот балет е работен по музика на Драган Ѓаконовски-Шпато, Димитар Масевски и Дуке Бојаџиев. Костимите се на Александар Ношпал.

„Ова е модерен балет за оние што сонуваат за среќа, едни времиња во кои живеевме и луѓето со кои сме ги споделувале тие мигови. Ништо не може да го оживее тоа време, тоа сеќавање, тој живот, освен една стара миксана музичка лента. Секоја лента раскажува една приказна од различно време. Музиката е таа која нѐ води на незаборавни патувања“, вели Евтимова.

Влезот е дозволен само со потврда за вакцинација или за прележан ковид-19 во последните 45 дена. Задолжително е носење заштитна маска.