„Не сакам да пишувам книги што ќе се продаваат во илјадници примероци, за кои ќе се пишуваат рецензии и ќе бидат наградувани. Кон литературната слава и популарност, ако воопшто тие се можни денес, секогаш сум бил рамнодушен. Сакам само да разберам зошто светот е толку сјаен, а истовремено и крвав“, рече Мирча Картареску, примајќи ја наградата „Прозарт“, што му ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Секој од гостите на фестивалот се претстави со извадоци од свои дела. Во Даут пашин амам синоќа читаа и поетот Гојко Божовиќ (Србија) и писателите Оливера Ќорвезироска (Македонија), Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ (Хрватска) и Јоана Николае (Романија).

Во рамките на дополнителната програма, вечерва во 20 часот во книжарницата „Буква“ во Скопје ќе биде промовирано творештвото на поетот и есеист Божовиќ.

Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“.