ВЕЧЕРВА И УТРЕ ЌЕ СЕ СВИРИ БЛУЗ ВО КИНОТЕКАТА НА ВТОРИОТ КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пандемијата и оваа година не ги наруши плановите на екипата од „Блуз фамилија“ за организирање на Котон блуз фестивал, чие второ издание почнува вечерва, на нова локација.

Минатиот септември, тој беше еден од ретките музички настани во Скопје во екот на пандемијата, а „Блуз фамилија“ повторно се надмина себеси во речиси непроменетите околности и успеа да донесе гости од странство.

Блузот оваа година ќе се свири во дворот на Кинотеката, а програмата почнува во 19 часот со „ИгиМан бенд“, предводен од гитаристот Игор Станоески. Како шлаг на првата вечер и воопшто на фестивалот е најавен настапот на Данецот Крис Греј со неговото трио „БлуСпенд“. Нивната музика е опишана како спој на фанк, блуз и малку соул.

На утрешната втора вечер (од 19 часот) ќе се слушаат македонските блузери „Мол пек“ и триото на грчкиот блуз рок гитарист Сакис Даволис.

Од фестивалот соопштија дека картите се веќе распродадени, а ќе може да се влезе само со потврда за вакцинирање.

Г. КОНЕВ