СЛИКИ И ЦРТЕЖИ НА МУХАМЕД АЛИ ПРОДАДЕНИ ЗА РЕЧИСИ МИЛИОН ДОЛАРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Ретка колекција на цртежи, скици и слики од боксерскиот великан Мухамед Али се продаде за речиси еден милион долари на аукција во Њујорк. Во понуда беа 26 дела на Али, чија склоност кон уметност досега не била многу позната.

Највисока цена постигна делото „Sting Like a Bee“ од 1978, кое се продаде за 425.000 долари, десет пати поскапо од претходните проценки. Сите дела се продале за 945.524 долари.

Аукциската куќа „Бонам“ соопшти дека Али цртал и сликал цел живот, охрабрен од татко му, кој бил професионален сликар.

„Мухамед Али е културолошка икона, која дефинираше цела генерација. Неговите дела ги прикажуваат темите кои му биле блиски до срцето: бокс, граѓански права, вера, светски мир и добротворна работа“, изјави Хелен Хол од „Бонам“.