Во Ликовниот салон во Велес e отворена изложбата „Метакосмија“ на Ангелина Спировска-Муковска и Владо Муковски од Скопје, на која брачниот пар се претставува со 20-ина дела изработени во посебна техника која тие ја осмислиле. Сликани со акрил, а потоа излиени со епоксилна смола, се создава таква емулзија како да се под екран од телевизор или мобилен телефон.
„Нивните дела се создавани во време на пандемија. Сопружниците творат заеднички, бидејќи тоа се условите во оваа нова реалност. Во Македонија е реткост да се твори заеднички, таков случај уште е брачниот пар Тоциновски“, кажа Елица Николова, кустос советник и историчар на уметност при Народен музеј Велес.
Двајцата автори се конзерватори на сакралното ѕидно сликарство, вработени во Националниот конзерваториски центар.
„Досега не сум сретнал уметник во земјава кој твори на ваков начин. Прво ги сликаме делата, а потоа ги лиеме во смола. Така се добиваат дела кои се создаваат сами. Не знаете како ќе изгледа сликата додека не се исуши смолата“, рече Владо Муковски.
Посебно специфична била работата со епоксилна смола, која се стврднува за 20-ина минути и што ќе се сработи во тој период, сработено е. Потоа била токсична, поради што е тешко да се работи во затворено.
„И јас и Владо имаме свој стил на творење. Не сме работеле заедно досега. Пробавме да се ослободиме од авторското его кое секој уметник го има. Овие слики не се мои или негови, туку се производ на заедничка работа“, изјави Ангелина Спировска-Муковска.
П. ПЕЧКОВ