Деведесетгодишен британски механичар, кој кажа дека продолжувал да работи зашто тоа го одржувало млад, отиде во пензија по 75 години работа во иста фирма.
Брајан Веб почнал да работи во автомобилската компанија „Воксол“ како чирак во 1946 година и неговите колеги вчера открија плоча во негова чест. Тој вели дека ќе му недостига работата, но се радува што ќе има време за попладневен чај и дремка.
Откако бил на повеќе работни места, последните 34 години ги поминал како администратор за гаранции.
„Кога наполнив 65 години се согласив да останам уште неколку години, но излегоа 25. Отсекогаш мислев ако продолжам да работам, ќе останам млад. Ако работиш, имаш причина да станеш наутро и излезеш надвор“, вели Веб.