40 ГОДИНИ „МЕТАЛИКА“ – ОД ОГЛАС ВО ВЕСНИК ДО СТАДИОНСКИ МЕТАЛ БОГОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Еден од најголемите бендови во историјата „Металика“ денеска одбележува 40 години постоење. Основачите Ларс Улрих и Џејмс Хетфилд се нашле случајно, за потоа да го афирмираат хеви металот до незамисливи височини.

Сè почнало од огласот што тогаш 18-годишниот Улрих го објавил во весникот „Рисајклер“ во 1981, две години откако со семејството се доселил во Лос Анџелес од Данска.

„Тапанар бара метал музичари за свирење. Влијанија: ‘Тајгерс оф Пан Танг‘, ‘Ајрон мејдн‘ и ‘Дајмонд хед‘“, стоело во огласот. Се одзвал извесниот Џејмс Хетфилд, кој подоцна откри дека не бил воодушевен од Улрих, па си заминал.

Но, Улрих не се откажал. Успеал да се поврзе со продуцентот Брајан Слејгел и да се уфрли во снимањето на култната компилација „Метал масакр“, на која повеќе бендови учествувале со по една песна. Така успеал повторно да го привлече Хетфилд да пее и свири гитара.

Поставата која ги сними првите три албуми

„Металика“ и официјално е формирана на 28 октомври 1981, пет месеци откако Улрих и Хетфилд првпат се запознале, а нивната прва заедничка песна беше „Hit the Lights“.

Почетокот бил тежок, а групата добила стабилност кога на Улрих, Хетфилд и другиот гитарист Дејв Мастејн им се приклучил басистот Клиф Бартон. Толку сакале да успеат што сите се преселиле кај Бартон во Сан Франциско.

Ги слушале „Ајрон мејдн“, „Веном“ и „Моторхед“, но сакале да звучат побрзо, помоќно и потврдо. Така е дефиниран звукот на треш металот кој ќе изврши огромно влијание врз сè што следува.

Групата го објави деби албумот „Kill ’em All“ во 1983 и останатото е историја. Ја преживеа трагичната смрт на Бартон во 1986 и со албумот „…And Justice For All“ се проби на Ем-Ти-Ви и ја доби првата номинација за Греми. „Црниот албум“ од 1991 ја внесе „Металика“ во нова, покомерцијална ера, која ја доведе до она што е денес – стадионски бенд од рангот на најголемите рок ѕвезди.