„Римац автомобили“ денеска и официјално се спои со „Бугати“ во новата компанија „Бугати Римац“, која пак ќе биде поддржана од „Порше“ и „Фолксваген“.
„По кратка, но бурна десетгодишна историја, ‘Римац автомобили‘ стигна до следниот голем чекор: спојување со ‘Бугати‘ во ‘Бугати Римац‘, што стана дел од ‘Римац група‘“, соопшти хрватската автокомпанија.
Одделна целина ќе биде „Римац технолоџи“, што ќе развива и произведува батериски системи и други компоненти на електричните автомобили.
Глобалното седиште на компанијата ќе биде во Света Недела на периферијата на Загреб, што ќе биде проширено во нов кампус, вреден 200 милиони евра. Тој треба да биде отворен во 2023 година и тука ќе се развиваат идните хиперавтомобили на компанијата.
„Тешко е да се најде подобра комбинација од ‘Римац‘ и ‘Бугати‘. Едвај чекам да видам какво влијание ќе има ‘Бугати Римац‘ врз индустријата и се радувам за развојот на нови хиперавтомобили и технологии. Веќе почнавме да развиваме нови модели“, вели извршниот директор Мате Римац.