Професорот Ѓорѓи Малковски ја промовираше книгата „Велес во Втората светска војна 1941-1944“, во која на 500 страници се опишани случувањата во градот и животот на населението во виорот на војната. Книгата е уникатно историско дело и капитално дело за градот, на која, како што вели Малковски, посветил 20 години од неговиот живот.
„Освен политички, книгата содржи и економски, културни и просветни факти за периодот 1941-1944. Таа е еден сублимат на Велес за даденото време, аманет и траен белег, за идните генерации да знаат како се живеело во градот во тој период. Има податоци и за делувањето на 8. Велешка бригада, одредот ‘Димитар Влахов’ и одредот ‘Трајче Петановски’. Има податоци кои првпат се објавуваат во јавност, за состојбата со контрачетниците и ВМРО-Михајловистичката. Со ова се одолжуваме на градот во пресрет на неговиот празник 9. Ноември, Денот на ослободувањето“, кажа Малковски, кој е роден велешанец.
Книгата ја промовираше Стефан Мицов Влахов. Во неа има 220 фотографии, карти и скици. При нејзината подготовка, Малковски истражувал низ домашни и странски архиви и весници и создал околу 20.000 страници искази на стотина борци, живи сведоци на периодот.
Малковски е историчар, научен советник и редовен професор на Институтот за национална историја во Скопје.
П. ПЕЧКОВ