Уметничка галерија во Германија, пешачко-велосипедски мост во Данска и болница во Бангладеш се најдоа во најтесната конкуренција за престижната награда РИБА, со која се оддава признание на најдобрата нова архитектура. Овие проекти беа селектирани од 16 финалисти од 11 држави, а еден ќе ја понесе наградата на Кралскиот институт на британските архитекти (РИБА) во почетокот на следната година.
БОЛНИЦАТА „ПРИЈАТЕЛСТВО“ ВО БАНГЛАДЕШ
Сместена во југозападниот град Саткира, болницата е изградена од локално направени тули. По средината на објектот со 80 кревети поминува воден пат, кој ги одвојува болничкото и амбулантното крило. Еколошките елементи на дизајнот вклучуваат резервоари за собирање дождовница и ѕидни отвори кои обезбедуваат природна вентилација.
МОСТОТ „ЛИЛЕ ЛАНГЕБРО“ ВО КОПЕНХАГЕН
Криволинеарниот мост долг 160 метри се наоѓа во централното пристаниште и на пешаците и велосипедистите им нуди алтернативен пат, покрај паралелниот мост за возила. РИБА ја истакнува и инженерската генијалност скриена во дизајнот: двете централни секции на мостот драматично се ротираат формирајќи отвор кога треба да поминат поголеми чамци.
ГАЛЕРИЈАТА „ЏЕЈМС-СИМОН“ ВО БЕРЛИН
Новата галерија служи како влез и центар за посетители за берлинскиот Музејски Остров, голем културен комплекс во реката Шпре. Долгоочекуваната зграда конечно беше отворена во 2019, две децении откако првпат беше предложена.
Дизајнот на галеријата нуди современ контраст на нејзините значително постари соседи. РИБА вели дека проектот успешно ги спојува неокласиката и модерното.