Британска пратеничка кажа дека е можно да се комбинираат политиката и родителството откако ѝ било забрането да си го носи бебето на седниците на парламентот. Лабуристката Стела Криси била информирана дека е против правилата да се носи дете на парламентарни дебати, како што таа направи вчера.
„Тоа беше ново за мене“, изјави Криси и побара да се изменат правилата.
Таа кажа дека редовно го носела својот син, кој е доенче, а порано и ќерката на седниците во долниот дом на парламентот. Откако со бебето дошла и вчера, Криси добила мејл дека тоа не е во согласност со неодамна објавените правила за однесување и учтивост.
Криси доби поддршка од вицепремиерот Доминик Раб, кој кажа дека политиката влезе во модерно доба и родителите можат да ја комбинираат работата со семејните обврски.
„Наводно, парламентот донесол правило дека не смеам да бидам на седниците со моето умно тримесечно поспано бебе. Мене нема кој да ми го чува бебето“, кажа Криси.
Во 2018, Џо Свинсон стана првата пратеничка која дојде со бебе на седница на британскиот парламент.