ГЛОБАЛНАТА ИНФЛАЦИЈА ГО НАПРАВИ ТЕЛ АВИВ НАЈСКАП ГРАД НА СВЕТОТ

Лондон, (Гардијан)

Тел Авив е прогласен за најскап град за живеење на светот како резултат на брзиот раст на инфлацијата што ги покачи цените на бројни производи и услуги низ светот во екот на пандемијата. Израелскиот град се искачи за пет места во изминатите 12 месеци за да ја преземе непосакуваната титула од Париз, Хонгконг и Цирих, кои лани го делеа првото место.

Париз сега се наоѓа на второто место, заедно со Сингапур, на листата што традиционално ја составува лондонската истражувачко-аналитичка група Економист интелиџенс јунит (ЕИУ). Потоа следуваат Цирих, Хонгконг, Њујорк, Женева, Копенхаген, Лос Анџелес и Осака, со која се заокружуваат десетте најскапи градови.

Тел Авив изби на врвот и поради силната национална валута шекел во однос на доларот и поскапувањето на превозот и намирниците.

„На годинашната листа го гледаме очигледното влијание на силниот пораст на цените на бензинот“, вели Јупасана Дат, шефицата на Одделот за трошоците за живеење во ЕИУ.

На дното на листата, како најевтин град за живеење е Дамаск, следен од Триполи и Ташкент.