ЗОРАН СПАСОВ-ЅОФ ЈА ПРОМОВИРА КНИГАТА „ТОРОНТО ЕКСПРЕС“, ПРЕМИЕРАТА НА ПРЕТСТАВАТА Е НА 15 ДЕКЕМВРИ ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новата книга од Зоран Спасов-Ѕоф, „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“, ќе биде промовирана во вторник во книжарницата „Литература.мк“ во „Ист гејт мол“. Книгата, како и претходниот роман „Тито, мојот претпоследен херој“, е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Торонто експрес“ е дополнето издание на популарниот литературен првенец на Ѕоф, „Тибам штркот“. Дизајнот на корицата е на Михајло Димитриевски-Тхе Мичо.

Промоцијата ќе се одржи неколку дена пред премиерата на театарската претстава „Торонто експрес“ во Македонскиот народен театар. Претставата, која е базирана на книгата, е во режија на Јордан Симонов, а главната улога ја толкува Александар Микиќ. Тие работеа и на театарската адаптација на текстот, заедно со Благоја Бошковски. Премиерата е закажана за 15 декември, а ден подоцна и на 20 декември се следните изведби.

Во промотивниот период, со секој купен примерок од книгата „Торонто експрес“ во книжарниците „Литература.мк“ ќе следува ваучер за влезница за некоја од изведбите на претставата. Ваучерите ќе можат да се заменат за влезници во билетарницата на МНТ.

„‘Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)‘ е документаристичка стрип-проза, фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус, водич за идните печалбари и тазе имигранти, литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада“, вели авторот.