За кратко се чинеше дека оваа година ќе може да има традиционални големи прослави на Нова година во големите градови низ светот, но плановите и желбите ги поремети нов силен бран на коронавирусот, предизвикан од сојот омикрон. Во некои делови од светот, првенствено Европа, повторно се откажуваат јавни настани и се воведуваат рестрикции токму пред празниците.
АТИНА: Оваа година нема да има огномет над Акропол, откако грчката влада ги забрани сите јавни прослави на Божиќ и Нова година што беа планирани во општините. Неодамна воведените мерки ќе бидат на сила до 3 јануари.
БЕРЛИН: Германија ќе ги ограничи собирите од 28 декември и забрани новогодишни прослави. Тоа значи дека нема да има огномет во Берлин, Минхен, Франкфурт и други градови.
ЕДИНБУРГ: Јавниот дочек на Нова година е откажан, а рестрикциите ќе стапат на сила после Божиќ.
ЛОНДОН: Градоначалникот Садик Кан го откажа планираниот настан на плоштадот Трафалгар уште на 20 декември. Претходно се планираше прослава со најмногу 6.500 луѓе.
ПАРИЗ: Градот го откажа традиционалниот огномет над авенијата Елисејски полиња, ниту ќе има настапи на диџеи. Владата ги забрани сите јавни собири и забави уште на 17 декември.
РИО ДЕ ЖАНЕИРО: Новогодишната прослава беше откажана на 18 декември.
РИМ: И во италијанската престолнина нема да има празнични настани, додека Венеција ги откажа концертите на отворено и огнометот.
ЊУЈОРК: По една година пауза, повторно ќе се чека Нова година на Тајмс сквер. Градоначалникот на заминување Бил де Блазио кажа дека прославата не е откажана, но место 58.000, ќе може да присуствуваат само 15.000 луѓе. Тие ќе мора да покажат доказ за вакцинирање и да носат маска.
ДУБАИ: Локалните власти најавија дека ќе има пиротехничко шоу над највисоката зграда на светот, „Бурџ калифа“.
СИДНЕЈ: Најголемиот град во Австралија не ги откажа плановите, но ќе може да се присуствува само со купен билет. Целосно вакцинирање не е неопходно, но е препорачливо.
ТАЈПЕЈ: Традиционалното одбројување со огномет над кулата „Тајпеј 101“ е во план.