НОВИ САД САКА ДА ГРАДИ МОСТОВИ НА СОРАБОТКА КАКО НОВА ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА

Нови Сад, (Дојче веле)

Мостовите на Дунав, кои повторно беа изградени откако беа уништени во НАТО-бомбардирањето во 1999, ќе бидат во фокусот на прославата на Нови Сад како Европска престолнина на културата во 2022 година. Тие ја претставуваат идејата за градење нови метафорички мостови на соработка и размена помеѓу уметниците и организациите од Србија и светот.

Околу 5.000 локални, српски и странски уметници ќе земат учество во повеќе од 1.500 културни настани планирани во текот на годината. На тие настани, ќе се раскажува приказната за српска Атина, прекарот што Нови Сад го добил во 19. век, кога важел за престолнина на српската култура.

Проектот ќе се одвива под слоганот „4 нови моста“ и е заснован врз основните вредности на ЕУ, како човекови права, мултикултурализам, дијалог, еколошка свесност и мировна политика, кои низ програмата ќе се поврзат со историјата, културата и идентитетот на Нови Сад.

Нашата порака гласи: ‘За нови мостови!‘ Тоа е повик на акција, но и визија“, вели програмскиот менаџер на проектот Немања Миленковиќ.

Поради пандемијата, Нови Сад со една година задоцнување ја презема титулата на 1 јануари. Откако Темишвар (Романија) и Елефсина (Грција) беа префрлени од 2021 во 2023, Нови Сад ќе ја дели титулата со вториот најголем град во Литванија (Каунас) и Луксембург (Еш-сур-Алцет).