„Нашата учителка постојано ги дискриминира учениците, ги дели на одлични, многу добри, добри итн“, „Емотивно сум врзан за училиштето, ми се плаче кога треба да одам на часови“, „Некогаш сакавме да имаме паметни деца, денес паметни телефони“, „Немаат право да ми се лутат што ми ги пишуваат домашните, па тие ме запишаа на училиште“, ова е само мал дел од афоризмите содржани во првата книга со детски афоризми во Македонија.

Автор на „Палави афоризмичиња 1“ е познатиот афористичар Миле Ѓорѓијоски, кој најавува дека до крајот на јануари од печат ќе излезе и втората книга со детски афоризми.

Во првата книга на 72 страници, рецензентите Киро Донев и Ванчо Ползаревски напишаа дека авторот не ги измислува темите, туку само ги позајмува од секојдевното живеење на децата.

Ѓорѓијоски важи за еден од најпродуктивните македонски сатиричари, кој во април 2021 со најновото издание со 1.000 афоризми го заокружи своето творештво на 35 книги и над 15.000 афоризми, досетки и разни мудрости од сите обасти на нашето живеење. Меѓу нив се истакнува едицијата „Од Вардар до Владивосток“, која содржи избрани афоризми на познати афористичари од Србија, Русија и Македонија.

Роден е во Кичево, но животот го однел во Делчево. Еден е од основачите на фестивалите за хумор, сатира и карикатура „Пијанец“ во Делчево и „Ин Виница веритас“ во Виница.

Т. ЈОВАНОВСКИ