Откако во неделата почина омилениот комичар Боб Сегет, неговите фанови се поттикнуваат да донираат во Фондацијата за истражување на склеродермија, која му беше многу блиска и важна. Ѕвездата на серијата „Полна куќа“ помина 25 години во кревањето свест за оваа ретка автоимуна болест, од која почина неговата постара сестра Геј.
„Тој беше многу близок со сестра му и мислам дека неговата долгогодишна посветеност делумно се должеше и на разочарувањето што не можеше да ја разбере нејзината состојба. Тој беше разочаран што со постојните алатки не можеше барем да ѝ го ублажи страдањето на крајот“, вели претседателот на фондацијата Лук Евнин.
Според Националниот институт за здравство на САД, склеродермија е автоимуна ревматска болест на врзивно ткиво која предизвикува воспаление на кожата, но и во други делови од телото.
„Геј имаше 44 години кога во 1994 ѝ беше дијагностицирана системска склеродермија. Лекувањето само ги ублажи симптомите. Мораше да се пресели кај родителите во Лос Анџелес зашто ѝ требаше помош. Почина по само две години“, изјави своевремено Сегет.
Тој првпат слушнал за оваа фондација случајно во 1991, кога се согласил да биде домаќин на нејзина добротворна вечер.
„Боб тогаш ништо не знаеше за оваа болест. И потоа, во игра на судбината, на неговата сестра ѝ беше дијагностицирана склеродермија и подоцна почина од компликации од болеста“, кажа Евнин.
Сегет станал член на управниот одбор на фондацијата во 2003, но и пред тоа многу придонесувал во нејзината работа.
„Ова е многу ретка болест и, особено во тоа време, малку се знаеше за неа, па тешко се собираа донации за истражувањето. Боб сакаше да го промени тоа. Неговиот придонес за оваа цел е немерлив. Тој беше неверојатен партнер и столб на сето она што заедно го постигнавме во изминатите 20 години“, кажа Евнин.