Австралиските научници објавија дека откриле непознат ротирачки објект во Млечниот Пат, за кој велат дека е нешто невидено досега. Утврдено е дека тој на секои 18 минути ослободува огромно количество радиоенергија и секој таков излив трае полна минута.
Предмети кои пулсираат енергија се забележуваат во вселената релативно често, но истражувачите велат дека е многу невообичаено пулсирањата да траат толку долго.
Мистериозниот објект прв го забележал студентот Тајрон О‘Доерти, користејќи телескоп и нова техника што самиот ја развил.
„Пулсирањето се појавуваше и исчезнуваше на неколку часа додека набљудувавме. Тоа беше сосема неочекувано. Тоа беше малку страшно за астроном зашто на небото нема ништо познато што прави такво нешто“, изјави астрофизичарката Наташа Харли-Вокер, која го предводеше тимот.
Вселенски објекти кои се палат и гасат не се ништо ново во астрофизиката и се нарекуваат транзиенти.
„Но, овој објект беше вклучен цела минута, што е многу чудно“, додаде Харли-Вокер.
Тимот утврдил дека објектот се наоѓа 4.000 светлосни години од Земјата, неверојатно е светол и има екстремно силно магнетно поле.